Блиски Исток

Тензиите меѓу Иран и САД повторно ескалираат

18.04.2026 15:10

Тензиите меѓу Иран и САД повторно ескалираат. Техеран ја поништи одлуката за повторно отворање на Ормутскиот теснец, поради американската блокада. Во меѓувреме се пријавени и напади врз танкери. Од Вашингтон, пак, доаѓаат остри пораки-Трамп предупредува дека примирјето може да пропадне ако не се постигне договор, оставајќи ја отворена можноста за нови воени дејствија. Во сенка на заканите, дипломатијата не запира. Пакистан се обидува да посредува и да ги приближи ставовите меѓу двете страни, додека најавените разговори би можеле да бидат клучни за исходот на кризата...

Иран ја поништи својата одлука за повторно отворање на Ормускиот теснец, наведувајќи ја како причина континуираната блокада на неговите пристаништа од страна на САД. Танкер пријавил дека бил нападнат од воени чамци на иранската револуционерна гарда додека пловел низ водниот пат, соопшти Агенцијата за поморски и трговски операции на Обединетото Кралство.

„Контролата врз Ормуската теснина се врати во претходната состојба и овој стратешки премин е под строго управување и контрола на вооружените сили. Додека САД не стават крај на ограничувањето на движењето на бродовите, строгата контрола на Ормускиот теснец ќе продолжи“, изјави портпарол на Хатам-ал Анбија.

Американскиот претседател се залага за добри вести во преговорите со Иран, но категорично ја отфрла идејата за патарини во Ормускиот теснец. Трамп вели дека е можен прекин на примирјето со Иран доколку до среда не се постигне долгорочен договор за прекин на војната.

„Можеби нема да го продолжам, но блокадата на иранските пристаништа ќе остане. Значи, имате блокада и за жал ќе мора повторно да почнеме да фрламе бомби“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Пакистан надежен за претстојната рунда разговори. Шефот на пакистанската дипломатија вели дека неговата земја работи напорно за да го премости јазот меѓу Иран и САД.

„Пакистан се труди многу и се надеваме дека за остатокот од разговорите меѓу САД и Иран, има само неколку области за кои треба да се договорат двете страни. Сè уште не сме се откажале од надежта и работиме напорно за да го усогласиме, бидејќи тоа ќе биде од корист за целиот свет“, изјави Мохамед Ишак Дар, министер за надворешни работи на Пакистан.

Американските и иранските делегации треба да одржат преговори во понеделник за ставање крај на војната, велат ирански извори. САД не потврдија дека се закажани разговори.

Катерина Бојаџиева