Владата ја продолжи мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 4-ти мај
Владата ја продолжува мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до четврти мај под влијание на ценовните шокови на домашниот пазар. Партиите се препукуваат за економските политики...

До 4-ти мај продолжува мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, поевтинувањето за дизел горивото за 4 денари по литар и 2 денари за бензинот се задржува, соопшти Владата по денешната седница. ДДВ-то за бензинот останува непроменето, додека за останатите горива се враќа на редовната стапка од 18 проценти. Од „Илинденска“ велат дека одлуката е донесена врз основа на стабилизациските ефекти од досегашните мерки и тековните движења на цените.
„Согласно нашите пресметки очекуваме Регулаторна комисија за енергетика да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар. Истовремено, останува во сила и претходно договорениот механизам со нафтените компании, согласно кој се обезбедува дополнително намалување од 3 денари по литар за дизел горивото и 2 денари по литар за бензините. Со ова, се постигнува кумулативен ефект на намалување на цените, кој директно се рефлектира во намалување на трошоците за транспорт и во ублажување на инфлаторните притисоци врз економијата“, велат од Владата.
Економските политики во фокусот на политичките партии. СДСМ критикува оти власта не презела ништо за да ја намали цената на основните продукти. Бараат да се донесат итни мерки за намалување на давачките за горивата и храната. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија-СДСМ нема кредибилитет и легитимитет да збори за економија бидејќи ја задолжиле државата колку сите влади 30 години наназад.
Собранието ја прифати владината одлука и ја продолжи кризната состојба до 20-ти јули.
Викторија Милевска
