СДСМ: Власта ангажирала приватна разузнавачка агенција
Социјалдемократите обвинуваат дека владејачката партија користи услуги од приватна разузнавачка израелска агенција за фабрикување афери и дискредитација на опозицијата. Од владејачката партија ги демантираа ваквите наводи...

Социјалдемократите обвинуваат дека владејачката партија користи услуги од приватна разузнавачка израелска агенција за фабрикување афери и дискредитација на опозицијата. Тврдат дека премиерот Мицкоски ангажирал и следење на опозицискиот лидер Филипче. Од опозицијата израелската компанија ја опишуваат како „приватен Мосад“, а како што наведуваат била позната по собирање информации, следење и спроведување операции, а била поврзана со активности и во Унгарија и Словенија.
„Тимот на „Black Cube“ неодамна престојувал во Скопје и во еден ексклузивен хотел имале состанок со заштитниците на криминалната група ВМРО. На состанокот присуствувал и еден бизнисмен, многу близок до ВМРО, кој треба да го финансира ангажманот на оваа приватна израелска компанија. Целта е јасна – да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ“, соопштуваат од СДСМ.
Од владејачката партија ги демантираа ваквите наводи. Според ВМРО-ДПМНЕ социјалдемократите и нивниот лидер живеат во свет на лаги, конструкции и политички заблуди.
СДСМ вчера пак испрати писмо до Европската унија, и му поднесе кривична пријава на премиерот Мицкоски, за како што рекоа кршење на Уставот и законите по неговата дадена изјава дека чувствувал дека ќе се гонат поранешни високи функционери од опозицијата.
Наташа Гркова Петрушевска
