Економија

Сивата економија-закана за стопанството

19.04.2026 16:16

Сивата економија останува најголема закана за стопанството, укажуваат од Занаетчиската комора на Македонија. Бараат сузбивање на истата, но и фер контроли на пазарот. Забележуваат недостига институционален надзор во руралните општини и помалите места...

Сузбивање на нерегистрираната економија и рамноправни контроли на пазарот, бара Занаетчиската комора на Македонија. Од Комора укажуваат дека е неопходна континуирана борба против сивата економија, којашто е најголемата закана за формалното стопанство. Забележуваат, контролите најчесто се насочени кон формалните и регистрирани субјекти, во големите урбани средини. Прашуваат зошто во руралните општини и помалите места недостасува институционален надзор, особено врз нерегистрираните вршители на дејност.

„Формалните дејности не се сива економија, тие се регистрирани, а од друга страна според сите наши статистики во поголемите градови секој втор или трет стан врши неформална дејност и мислам дека дури и од вработените во јавниот сектор после работното време се вршат вакви услуги не по исти цени туку по пониски цени. Да се ограничи и да се воспостави и ред и во царините низ целата држава, бидејќи влегуваат секакви форми преку руралните општини, кои имаат гранични премини до нив и не се оданочува односно плаќа за таа роба што влегува кај нас“, нагласи претседателот на Комората, Фазлиј.

Бараат и регулирање на нелојалната конкуренција од интернет продажбата. Потенцираат не се издаваат фискални сметки, а граѓаните не добиваат ниту гаранција за набавениот продукт.

Апелот до Управата за јавни приходи, Министерството за финансии како и сите надлежните институции, е со засилени мерки да се заштити формалната економија, и да се создадат фер услови на пазарот.

Елена Георгиевска