Тензиите меѓу Иран и САД повторно на раб на ескалација
Тензиите меѓу Иран и САД повторно се на раб на ескалација. Додека Техеран испраќа пораки за подготвеност за траен мир, истовремено предупредува на жесток одговор доколку продолжат нападите. Преговорите покажуваат одреден напредок, но клучните разлики остануваат длабоки. Спорните прашања-од нуклеарната програма до контролата врз Ормускиот теснец, сè уште го блокираат патот кон договор. Во меѓувреме, Трамп порачува дека нема да дозволи притисоци од Техеран. Кревкото примирје истекува веќе во среда, а исходот може да го одреди следниот чекор-дипломатија или нова ескалација...

Техеран сака траен мир што ќе спречи повторување на војната, но жестоко ќе одговори доколку продолжат нападите. Неколку дена пред истекот на рокот за прекин на огнот, главниот преговарач на Иран, информира за напредок во преговорите со САД, но предупреди дека конечниот договор е сè уште многу далеку.
„Она што е фундаментално за нас е недовербата кон сад. Ако тие не го спроведат прекинот на огнот, ние ќе ги прекинеме преговорите и ќе ја рестартираме војната. Во исто време, имаме добри намери и се стремиме кон траен мир. Јазовите остануваат големи, а некои прашања сè уште се нерешени“, изјави Мохамед багер Калибаф, претседател на парламентот на Иран.
Несогласувања има за неколку клучни прашања, вклучувајќи ја нуклеарната програма и Ормускиот теснец, кој ќе остане затворен сè додека САД не ја укинат блокадата.
„Со оглед на тоа што поголемиот дел од опремата на американските воени бази се одвива преку минување на бродови низ Ормускиот теснец, а тоа претставува закана за националната безбедност, Иран е решен да спроведе контрола врз сообраќајот низ теснецот се до конечното завршување на војната и остварување на траен мир во регионот“, изјави Врховен совет за национална безбедност на Иран.
Претседателот Трамп вели дека се водат многу добри разговори, но додава дека нема да дозволи Техеран да ги уценува. Кревкото примирје меѓу САД и Иран истекува во среда.
Катерина Бојаџиева
