Американските сили запленија товарен брод под иранско знаме, Иран најави одмазда
Американските сили нападнаа ирански брод во Оманскиот залив, Иран најави одмазда. Цените на нафтата на светските берзи одново пораснаа. Последните случувања пред истекот на двонеделното примирје ги ставија под прашање преговорите меѓу завојуваните страни. Тим од Вашингтон се упати кон Исламабад, Техеран објави дека нема да учествува во преговорите...

Цените на нафтата на светските берзи одново забележаа пораст откако САД нападнаа и запленија ирански товарен брод во Оманскиот Залив. Имено, пловилото се обидело да ја пробие поморската блокада во близина на Ормускиот теснец по што морнарицата интервенирала. Техеран вети дека ќе одговори и објави дека извршиле напад со дронови врз американски воени бродови. Американските преговарачи се упатија кон Исламабад, надевајќи се дека втората рунда мировните разговори ќе почне пред истекот на двонеделното примирје. Иран објави дека по последните случувања, нема да учествува во преговорите.
„Претседателот користи секаков можен начин за да добие влијание врз режимот за да го заврши овој конфликт. Тој е креативен преговарач. Користи притисок, користи неизвесност. Како што видовте во последните 16 месеци, тоа генерално води до добри резултати. Не мислам дека ќе видиме некакви изненадувања. Мислам дека ќе имаме убав крај на овој конфликт и Блискиот Исток конечно ќе нема постојан терор, постојан ризик од режимите во областа и проток на стоки низ Ормускиот теснец“, изјави Крис Рајт, секретар за енергетика на САД.
Трамп претходно предупреди дека САД ќе ги уништат сите мостови и електрани во Иран доколку Техеран ги отфрли неговите услови. Иран му одговори дека ќе возврати со напади врз цивилната инфраструктура во Персискиот Залив.
„Хуманитарното право забранува таргетирање цивилни објекти, како што се електрани и мостови. Сега, Трамп може да каже дека ова се таканаречени објекти со двојна намена, но тоа не е крајот на приказната, бидејќи хуманитарното право исто така бара дури и воена цел да не се напаѓа ако тоа им штети на цивилите и го лишува општеството од основни потреби – санитација, ладење, функционални болници во среде војна“, истакна проф. Кенет Рот, поранешен извршен директор на Хјуман Рајтс Воч.
Во исто време, сојузникот Израел тврди дека војната сè уште не е завршена.
„Бевме ангажирани со САД во битка против големата тиранија на Иран, која го тероризира светот, која сака наше уништување и се стреми да ги сруши Соединетите Држави, се стреми да ја сруши западната цивилизација каква што ја знаеме. Постигнавме огромни работи. Сè уште не е завршено. И секој момент може да ни донесе нови случувања“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
И додека тече десетдневното примирје меѓу Израел и Либан, властите во Тел Авив предупредија дека ќе употребат целосна сила, дури и за време на важечкото примирје, доколку нивните сили се соочат со закана од Хезболах.
Маријана Димовска
