САД нападнаа ирански брод во Оманскиот залив, Иран возврати врз американски воени бродови
САД нападнаа ирански брод во Оманскиот залив, Иран возврати врз американски воени бродови.Цените на нафтата на светските берзи одново се зголемија. Пред истекот на двонеделното примирје, последните случувања ги ставија под прашање преговорите меѓу завојуваните страни. Тим од Вашингтон се упати кон Исламабад, Техеран објави дека нема да одлука за учество во разговорите. Примирјето во Либан и натаму кревко, иднината на Газа неизвесна.Блискиот Исток и натаму како буре барут...

Раст на цените на нафтата на светските берзи откако САД нападнаа и запленија ирански товарен брод во Оманскиот Залив. Техеран се закани со одговор и соопшти дека со дронови нападнале американски воени бродови. Тензиите се зголемија пред истекот на двонеделното примирје и најавената втора рунда мировни разговори во Исламабад. Иран објави дека по последните случувања, нема одлука да учествува во преговорите.
„Додека тврдат дека има дипломатија и се подготвени за преговори, САД покажуваат однесување што на никаков начин не укажува на сериозност во водењето дипломатски процес. Само во последните часови бевте сведоци на напад врз ирански комерцијален брод. Сето ова се смета за јасно кршење на прекинот на огнот“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на МНР на Иран.
Трамп претходно предупреди дека САД ќе ги уништат сите мостови и електрани во Иран доколку Техеран ги отфрли неговите услови. Иран се закани со напади врз цивилната инфраструктура во Персискиот Залив.
„Претседателот користи секаков можен начин за да добие влијание врз режимот за да го заврши овој конфликт. Тој е креативен преговарач. Користи притисок, користи неизвесност“, изјави Крис Рајт, секретар за енергетика на САД.
Израелските разузнавачки и безбедносни служби тврдат дека разоткриле иранска мрежа која планирала напади врз израелски функционери и стратешки цели во светот. Додека тече десетдневното примирје меѓу Израел и Либан, Тел Авив предупреди дека ќе употреби сила, дури и за време на примирјето, доколку се соочат со закана од Хезболах.
„Израелските одбранбени сили продолжуваат да ги одржуваат своите позиции во јужен Либан како одговор на тековните терористички активности на Хезболах“, изјави Авичај Адрае, портпарол на израелската одбрана.
Иднината на Газа пак и натаму неизвесна, решението за две држави тема во Брисел.
„Ги осудивме едностраните дејствија, како што е проширувањето на населбите што го поткопуваат решението со две држави, и ја повикавме владата на Израел да ги поништи овие одлуки“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Во сенка на војната во Иран, конфликтот во Појасот Газа и покрај повеќемесечниот прекин на огнот сè уште е без политичко решение.
Маријана Димовска
