Почна оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група
Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денес започна процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група во исполнувањето на НАТО целите на способности. Борбената подготвеност на баталјонската група ќе се цени преку теренската тактичка вежба „Блесок 26“.

Започна теренската тактичка вежба „Блесок 26“, која треба да ја зајакне интероперабилноста помеѓу НАТО сојузниците и Македонската армија, но воедно е и клучна фаза во процесот на оценување на способностите на Лесната пешадиска баталјонска група како НАТО-декларирана единица. Процесот се одвива под надзор на НАТО-монитори, а оценувањето ќе го врши македонски тим сертифициран од НАТО школата за воени вежби.
На повеќе од 20 настани во рамки на вежбата „Блесок 26“ во касарните во Штип, Прилеп и Петровец и на полигонот Криволак се проверува борбената подготвеност на баталјонската група во седум области.
Вежбата „Блесок 26“ ќе даде реална проверка на командувањето, логистичката поддршка и оперативните способности на Лесната пешадиска баталјонска група. Главните активности се на полигонот Криволак, а утринава дел од вежбата се реализираше во Касарната „Јане Сандански“ во Штип. Оценката за борбената подготвеност на Баталјонската група ќе биде позната на 24 април.
Славица Величковска
