Нов американски амбасадор

Бејли: Секојдневно ќе работам на решавање на спорот со името

18.09.2014 10:27

Секојдневно ќе работам на решавањето на спорот со името, што е пречка за евроатланската интеграција на Македонија, изјави новиот америакнски амбасадор во Македонија, Џас Бејли при номинацијата во Сенатот. Бејли е дипломат од кариера од сојузната држава Конектикат којшто 29 години служел како американски дипломат во светот...

Како наш посветен пријател и партнер Македонија ја заслужува нашата помош за членство во НАТО и во Европската Унија. Најголем интерес на САД и Европа е да продолжиме со поддршката на Македонија за евроатланските интеграции, изјави новиот американски амбасадор во Македонија, Џас Бејли при номинацијата во комитетот за надворешни односи на Сенатот.

Целосно сум запознат со долгогодишниот спор околу името меѓу Македонија и Грција, што резултираше со стагнација на приемот во НАТО и ЕУ: Ако бидам потврден како нов амбасадор, ќе се залагам да го ставам целото мое дипломатско искуство на помош на Македонија при изнаоѓањето  заемно прифатливо решение. Кога Македонија и другите балкански држави пред две недели се состанаа во Берлин, тие објавија дека овој спор мора најитно да се реши со волја за компромис од двете страни. Поминаа 6 години од самитот на НАТО во Букурешт, чија деклација и вети на Македонија покана штом се реши спорот со името. Решавањето на спорот ќе биде клучен чекор напред за засилување на стабилноста и безбедноста на Македонија, на Балканот и во Европа“, изјави новиот американски амбасадор во Македонија, Џас Бејли.

Македонија е непоколеблив партнер во меѓународните безбедносни операции. Неодамна во Авганистан испрати 153 војници од 17 -та ротација и има еден од најголемите придонеси по глава на жител во мисијата ИСАФ, а ќе остане со нас во Авганистан и по завршувањето на крајот од 2014-та. Македонија во ОН гласаше за поддршка на територијалниот интегритат на Украина, а донесе и закон за сузбивање на борците на страната на исламистите во странство, истакна Бејли пред сенаторите во Вашингтон.

Секојдневно ќе работам на решавање на спорот, но и промоција на владеењето на правото и основните права, соработка против тероризмот, зголемување на трговската и економската соработка, изјави новиот американски амбасадор во Македонија Џас Бејли. Неговата номинација утре ќе биде потврдена во Сенатот, а потоа и во Конгресот.

На американскиот дипломат Џас Бејли ова му е прва функција како амбасадор во некоја држава. Претходно тој бил заменик амбасадор во Турција.

 

Ирина Гелевска, дописник од Вашингтон за МРТ