Случај „Пулс“

Одбраната на Дејан Јованов побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор

20.04.2026 17:15

Укинување на ефективниот и одобрување на куќен притвор за газдата на дискотеката „Пулс“ побара одбраната на Дејан Јованов на рочиштето за кочанската трагедија. Тврди дека му е влошена здравствената состојба по инфекција на постоперативна рана...

Укинување на ефективниот и одобрување на куќен притвор за газдата на дискотеката „Пулс“ побара одбраната на Дејан Јованов на рочиштето за кочанската трагедија. Тврди дека му е влошена здравствената состојба по инфекција на постоперативна рана, но и дека во затворот во Куманово не може да ја добие потребната нега.

Јованов, кому му се слоши за време на главната расправа беше прегледан и од лекарите на итната медицинска помош, по што судот беше известен дека може да ја следи главната расправа.

Рочиштето продолжи со сослушување на сведоци на обвинителството. Поранешниот општински секретар Александар Јосифов изјави дека за време на неговиот мандат немало пријави и поплаки против „Пулс“.

Сведокот кажа и дека во дискотеката имало многу гости, а меѓу нив и малолетници, но и дека луѓе од надвор се обидувале да им дадат насоки за побрзо да излезат, но во тој хаос, како што рече сведокот, било невозможно да се слушаат инструкциите.

Анита Димитријевска – Велковска