Нова рунда преговори меѓу САД и Иран
Нова рунда преговори меѓу САД и Иран е планирана за утре во Исламабад. Засега нема потврда од Техеран. Ноќва во еден час по средноевропско време истекува договорот за прекин на огнот, но се поизвесно е дека двонеделното примирје меѓу САД и Иран ќе биде продолжено.

Истекува примирјето меѓу САД и Иран, следната фаза од мировните преговори неизвесна. Американска делегација предводена од потпретседателот Венс ќе учествува на разговорите во Пакистан, но Иран и натаму без план за следната рунда преговори во Исламабад.Техеран предупреди дека сега има нови карти на бојното поле и нема да преговара под принуда и закани.
„Со наметнување блокада и кршење на примирјето, Трамп се стреми – така замислува – да ја претвори преговарачката маса во маса за предавање или да оправда обновено поттикнување на војна. Ние не прифаќаме преговори во сенка на закани и во изминатите две недели се подготвувавме да откриеме нови карти на бојното поле“, изјави објава на претседателот на иранскиот парламент – Мохамед Бакер Калибаф.
Според светските агенции, јавните настапи на шефот на Белата Куќа, реториката и поморската блокада на Ормускиот теснец, која ескалираше откако САД нападнаа и запленија ирански товарен брод во неделата ги поткопале дипломатските напори. Претседателот Трамп негира дека е под притисок да склучи мировен договор, но вели дека тој ќе биде постигнат релативно брзо. Сојузникот Израел тврди дека сè уште војната не е завршена.
„Нашето знаме е поставено од длабочините на Појасот Газа до круната на планината Хермон, а нашите пилоти го контролираат небото на регионот како дефинитивен доказ за нашата супериорност над иранската оска. Сè уште не сме ја завршиле работата, но светот веќе ја препознава нашата решеност да се одбраниме, и не само себеси, туку и да го одбраниме човештвото од варварски фанатизам“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел
Меѓународната заедница повикува на решение на конфликтот што би придонел за смирување на економските турбуленции.
„Ние остануваме посветени на позицијата дека работите се решаваат преку дипломатија. Сите мора да се вратат во мир. Мора да се вратиме на одлуките што беа договорени во петокот. Мора да го одржиме прекинот на огнот, вклучително и Либан, што е можно подолго, и да изградиме трајно мирно решение преку преговори, за нуклеарното оружје, балистичките ракети, Ормус и сè друго“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
„Сето ова во моментов го загрозува економскиот развој низ целиот свет и може да доведе до понатамошна политичка дестабилизација далеку надвор од Блискиот Исток. Во овој поглед, најважниот предуслов за стабилност на енергетските пазари е прекин на непријателствата“, изјави Фридрих Мерц – канцелар на Германија.
Нестабилната ситуација во Ормускиот Теснец доведе до нов пораст на цената на нафтата на берзите. Горивата во САД се на највисоко ниво во последните години.
Маријана Димовска
