Блиски Исток

Утре истекува примирјето меѓу САД и Иран

21.04.2026 17:52

Утре истекува примирјето меѓу САД и Иран. И натаму неизвесна судбината на новата рунда разговори која треба да се одржи во Пакистан. Техеран тврди, нема да преговараат под закани и уцени. Кревките договори за прекин на огнот на Блискиот Исток под прашање. Тел Авив со нови закани за Хезболах. Во исто време, членки на ЕУ бараат преиспитување на односите со Израел...

Истекува примирјето меѓу САД и Иран, следната фаза од мировните преговори неизвесна. Американска делегација предводена од потпретседателот Венс ќе учествува на разговорите во Пакистан, но Иран предупреди дека нема да преговара под принуда и закани. Претседателот Трамп негира дека е под притисок да склучи мировен договор, но вели дека тој ќе биде постигнат релативно брзо.

„Со наметнување блокада и кршење на примирјето, Трамп се стреми – така замислува – да ја претвори преговарачката маса во маса за предавање или да оправда обновено поттикнување на војна. Ние не прифаќаме преговори во сенка на закани и во изминатите две недели се подготвувавме да откриеме нови карти на бојното поле“, објави на претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Бакер Калибаф.

Според светските агенции, јавните настапи на шефот на Белата Куќа, реториката и поморската блокада на Ормускиот теснец, која ескалираше откако САД нападнаа и запленија ирански товарен брод во неделата ги поткопале дипломатските напори. Меѓународната заедница повикува на решение на конфликтот што би допринел за смирување на економските турбуленции. Шпанија, Словенија и Ирска бараат преиспитување на односите ЕУ – Израел.

„Она што се случува со војната во Иран, јасно е дека слободата на навигација не може да се замени со шеми за наплата за премин. Ние поддржуваме дипломатски решенија, но исто така е јасно дека сме загрижени за нуклеарниот аспект и ракетните програми“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Во моментов имаме исклучително сериозна ситуација на Блискиот Исток и во Заливот. Тоа е најголемата глобална криза на овој век и без сомнение, најголемата криза во регионот од Заливската војна“, изјави Хозе Мануел Албарес Буено, министер за надворешни работи на Шпанија.

„И покрај многу кревкиот прекин на огнот, ги гледаме кршењата на меѓународното право во Газа. И навистина треба решително да дејствуваме како Европска Унија, а не само да набљудуваме што се случува во светлината на другите ситуации во Иран, во Либан“, изјави Тања Фајон, министерка за надворешни работи на Словенија.

Израел тврди дека сè уште војната не е завршена и упати остри закани кон раководството на Хезболах, во контекст на тековните тензии на границата со Либан и кревкото примирје.

„Им наредивме на израелските одбранбени сили да дејствуваат со сила, од копно, како и од небото, дури и за време на прекинот на огнот, со цел да ги одбраниме нашите војници во Либан од секоја закана“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Израел и Либан се договорија за 10-дневно примирје, но израелската војска остана со полна сила на југ, на копно и од воздух, со цел да се спречат прекугранични напади од Хезболах и други форми на воено дејствување.

 

Маријана Димовска