ЕУ - стратегија

Енергетски план за можен недостиг од горива

21.04.2026 14:03

ЕУ со енергетски план за справување со недостигот на гориво, особено за авионите и спречување на зголемување на цените за граѓаните и бизнисите. Се предвидува регулирање на аеродромските слотови, авионите дополнително да имаат гориво, механизми во случај на откажувања на летови поради недостиг. Доколку потрае кризата на Блискиот Исток, европските лидери се подготвуваат за редици и на бензинските пумпи.

Европската унија го вклучи алармот за можен недостиг од гориво поради кризата на Блискиот Исток. Ако ситуацијата не се стабилизира, ќе се наруши авиосообраќајот ова лето. Европската комисија подготвува енергетски план за интервенција со ослободување на резервите на гориво доколку продолжи ситуацијата со Ормускиот теснец што ја намали доставата на нафта кон Европа.

„Кризата на Блискиот Исток влијае врз транспортот во сите ЕУ земји-членки. Европската комисија ќе претстави енергетски план со главен фокус на горивата за транспорт, од очигледни причини особено за керозинот за авиони. Ќе им ги претставам на министрите нашите идеи. Се разбира ќе мора да работиме заедно да се справиме со последиците од кризата на Блискиот Исток и притисокот со зголемените цени врз граѓаните и бизнисите. Но истовремено мора да работиме заедно да го направиме нашиот транспортен систем и синџир на снабдување поиздржлив на идни кризи“, изјави Апостолос Цицикостас – еврокомесар за одржлив транспорт и туризам.

Доколку потрае кризата со горивото поради кризата на Блискиот Исток, и европските граѓани може да се соочат со недостиг од гориво за возилата и зголемени цени.

„Пред нас имаме можен недостиг од гориво за транспорт поради геополитичката криза на Блискиот Исток. Европа може да има краткорочни прекини на снабдувањето со гориво. Исто така на среднорочен и долгорочен рок ќе имаме проблем со побарувачката и зголемување на цените, што мора да се неутрализира. Мораме да бидеме подготвени да избегнеме редици на бензинските пумпи, но и како најдобро да се справиме со нив ако ги има“, изјави Алексис Вафеадес-министер за транспорт на Кипар.

Енергетскиот план што треба да стапи во сила уште во мај опфаќа флексибилна примена на регулирањето на аеродромските слотови, оптимизација на полнењето керозин со дополнително полнење на почетните аеродроми за да се избегнат повисоки цени и недостиг од горива на дестинациите, механизми при откажување на летови поради недостиг.

Ирина Гелевска