Кривичен суд

Нови докази на денешното рочиште против поранешната претседателка на антикорупциска Димитровска

21.04.2026 16:44

Во Кривичниот суд ново рочиште против поранешната претседателка на Aнтикорупциска Татјана Димитровска. Во судницата се изведуваа докази од страна на Обвинителството. Тврдат дека има екстрахирани податоци од електронски уреди за комуникација помеѓу обвинетите во врска со кривичното дело оддавање службена тајна односно дека на обвинет во „Адитив“ му давала информации од финансиски истраги, но и за компјутерски криминал.

Во судската постапка што се води против поранешната претседателка на Државна комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, на рочиште беше презентиран сертификат за кој Обвинителството тврди дека е стекнат на незаконит начин, односно со фалсификување.

Беа изведени и дополнителни докази, вклучително и предмети поврзани со можен судир на интереси кои се воделе во рамки на комисијата во периодот кога Димитровска била на нејзино чело. Во судницата беа приложени и документи за имотната состојба на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, кој е опфатен со обвинението во предметот „Адитив“.

Одбраната, пак, останува на ставот дека не постои кривично дело. Димитровска уште на почетокот на судењето ја отфрли вината, нагласувајќи дека содржината на пораките се однесувала на информации кои биле јавно достапни и разгледувани на седници, па според неа не станува збор за доверлив материјал.

Од обвинителството најавија дека во продолжението на процесот ќе бидат презентирани и комуникации меѓу Димитровска и Стојановиќ, со кои ќе се обидат да поткрепат сомнежи за оддавање службени информации.

Невини се изјаснија и другите обвинети во случајот, меѓу кои и ревизорот Миле Столевски, кој се товари дека полагал испит за сертификат за „државна тајна“ наместо Димитровска, како и Билјана Мантева од ТЕЦ Неготино.

Игор Панов