Турција е пријател и стратегиски партнер на Република Македонија

18.09.2014 11:27

Македонскиот и турскиот премиер се согласија дека европската и евроатлантската интеграција на Југоисточна Европа е заедничка визија на двете држави, како најдобар гарант за стабилноста на регионот...

Македонија и Турција имаат одлични политички односи и пријателство. Премиерите Давутоглу и Груевски на средбата во Анкара изразија задоволство од постојаниот и нагорен тренд и развојот на меѓусебните односи меѓу двете земји. Напредок е постигнат и во економската соработка, а двајцата премиери се заложија за нејзино натамошно унапредување. Македонскиот и турскиот премиер се согласија дека европската и евроатлантската интеграција на Југоисточна Европа е заедничка визија на двете држави, како најдобар гарант за стабилноста на регионот.

„Секогаш внимававме да имаме добри односи со Македонија и да ја подржуваме Македонија на меѓународен план,поаѓајќи од добрите историски врски и од актуелните добри пријателски односи.Турција го подржува членството на Македонија во НАТО и таа подршка продолжува понатаму“, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Турската подршка за нашето членство во НАТО и во ЕУ е безрезервна. Ние стоиме на располагање да помогнеме на тој план,рече новиот премиер на Турција Ахмет Давутоглу.Тоа се темели на добрите пријателски односи и историските врски.

„Турција е наш долгогодишен пријател и стратегиски партнер. Оваа средба претставува уште еден показател за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои се одликуваат со восок степен на пријателство, на разбирање, на интензивна соработка на сите нивоа, отворен дијалог и воља за натамошна реализација на проекти од заемен интерес“, истакна премиерот Никола Груевски.

Премиерот Груевски во Анкара оствари средба и со новиот турски претседател Реџеп Таип Ердоган. Груевски му ја честитал победата, посочувајќи дека билатералните односи се одлични, а честите средби на политичко ниво се потврда за пријателството меѓу двете земји. Груевски го информирал Ердоган за реформите во економијата и за фактот дека турските компании се добредојдени во Македонија,а оние што решија да инвестираат имаат позитивно искуство од условите за бизнис.

Турскиот претседател потенцирал дека Македонија ја има подршката за евроатлантско интегрирање,и на тој пат во Турција,можете да најдете пријател, рекол Ердоган.

Милчо Велески