Транспорт

Зголемувањето на цената на горивото ќе ги поскапи авионските билети

21.04.2026 17:07

По нарушувањата на глобалното снабдување со нафта се зголемија цените на авионските билети и до 120 евра до одредени дестинации. Има сè поголем број и на откажани летови, засега на нашите аеродроми редовен е авиосообраќајот...

Авионските билети поскапуваат од 30 до 90 евра, поради зголемувањето на цената на горивото, односно керозинот. Како што соопшти Европската федерација за транспорт, најголемо поскапување авиокомпаниите најавуваат на летовите кон далечни дестинации.

Лет од Барселона до Берлин би поскапел за 26 евра по патник, додека патувањето на долги релации од Париз до Њујорк би чинело 129 евра повеќе.

Сепак, поскапувањето нема да ги погоди патниците кои веќе имаат купено билети. Има и такви компании кои привремено суспендираа летови кон повеќе дестинации, следејќи го трендот на другите европски превозници кои се обидуваат да ги намалат ризиците и трошоците.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство за МТВ велат дека барем за сега немаат нема добиено никакво барање за откажување на летови, како резултат на недостиг на гориво.

„Бидејќи нема откажани летови поради недостиг на гориво, до АЦВ, нема стигнато никакви барања од патници за заштита на нивните права. Инаку, постапката е дека патникот треба да се обрати прво до авиокомпанијата за поврат на финансиски средства и доколку таа не одговори во рок од 60 дена, патникот се обраќа до АЦВ. Сакаме да им укажеме на патниците дека, за нивните патнички права можат дополнително да се информираат на официјалната веб страна caa.gov.mk“-стои во соопштението од Агенција за цивилно воздухопловство.

И туристичките агенции реагираат дека неизвесноста постои. Велат, граѓаните се плашат да патуваат подалеку, оти состојбата се менува од ден во ден. Се надеваат на стабилизација на кризата.

Европската унија најави дека во среда ќе одговори со упатства за управување со ограниченото снабдување со гориво за авиони.

Дел од големите авиокомпании, изјавија дека веројатно ќе ги префрлат повисоките трошоци за гориво на потрошувачите, ако Ормускиот теснец остане затворен подолг период.

Борис Грујоски