Анализа

СДСМ треба да промени идеологија и стратегија, оценуваат аналитичарите

21.04.2026 17:17

Аналитичарите велат премногу е рано да се прогнозира дали опозициската СДСМ полека се стабилизира по пораките упатени на вчерашната прослава. Примарно е велат за МТВ да се ревидираат идеологиите, покрај кадровските промени и наративот...

Премногу е рано да се прогнозира дали пораките за моќно враќање на политичката сцена, обединување и промени кои на јубилејната прослава ги упати Социјалдемократскиот сојуз ќе имаат ефект кај електоратот – оценуваат аналитичарите. Според аналитичарот Александар Кржаловски примарно е да се ревидираат идеологиите, последно се кадровските промени во раководната структура на партијата. Во период кога глобалната ориентација е кон десничарските влади, СДСМ е пред голем предизвик да ги надмине претходните изборни порази во најголем дел врзани за клучните прашања, Францускиот предлог и Преспанскиот договор.

„Во ред е да се има лидерство и да се прават непопуларни одлуки, но ако тоа е во голема дискрапанца со мнозинството, резултатот е тоа што го видовме, мора да се работи на јакнење на свеста на граѓаните за тоа што вие мислите дека треба да се направи, и ако е гапот е преголем, партијата е таа која треба да се прилагоди. Им престојат многу предизвици“, изјави Кржаловски.

Политички најави се едно, а реалност е нешто друго оценува, аналитичарот Петар Арсовски. Според него промената само на наративот нема да придонесе во изборните резултати. Акцент става на кадровските политики и стратегијата на функционирање на партијата.

„Мислам дека СДСМ се наоѓа во една повеќеслојна криза, не само демократски, не само идеолошки, најмногу во начин како им функционира партиската машинерија. Сама промена на наратив нема да ги промени изборните резултати. Кога сакате консолидација, сите кои имале било каква врска со партијата целта е да се вратат назад во јадрото, за да добиете посилен политички капитал, од друга страна електоратот бара промени. Тоа е тоа одење по жица. Одговорот на прашањето колкави промени се потребни е во рејтингот по промените“, изјави Арсовски.

Се дотогаш може да се говори единствено само „теоретски“.

Марина Стојанова Тонева