Високо Образование

ДПИ утврдил неправилности при упис на студенти на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет

21.04.2026 16:58

Студенти на Филозофскиот факултет се запишувале на магистерски и докторски студии без соодветно завршено образование. Случајот го открил Државниот просветен инспекторат. Министерката Јаневска го чека извештајот. Раководството на факултетот вели дека студентите не се без диплома, но не е почитуван законот...

Директно на магистерски и докторски без завршени соодветни додипломски студии биле запишувани студенти на Филозофскиот факултет на УКИМ во периодот од 2019 до 2024 година. Државниот просветен инспекторат инспекциските контроли ги направил по барање на деканот Бакрески. По извршениот надзор наложил поништување на уписите на дел од студентите запишани на втор и трет циклус без завршен прв циклус академски студии со најмалку 240 ЕКТС кредити.

„Студентите поседувале 180 ЕКТС кредити од стручни студии, кои биле комбинирани со 60 ЕКТС кредити од специјалистички студии (180+60), што не е дозволено согласно закон, правилници, конкурс и студиски програми. За овие нерегуларности, како и за други пропусти во работењето на високообразовната установа изготвен е записник со задолженија и донесени се решенија за постапување со соодветни рокови, по што ќе следи повторен инспекциски надзор за да се увиди дали е постапено. За вкупно 7 студенти донесени се решенија за поништување на уписот и стекнатиот статус“, соопштуваат од Државен инспекторат за образование.

Факултетот веќе постапил по решението на државниот инспекторат. Деканот Бакрески вели секоја неправилност ќе биде санкционирана.

Ресорната министерка Јаневска вели согласно наодите ќе ја донесе својата одлука.

Студентите пак сега се и без статус и без средствата што ги уплатиле, дел од нив веќе најавуваат судски постапки.

Фиљана Кока