Блиски Исток

Примирјето меѓу САД и Иран продолжено во последен момент

22.04.2026 08:30

Дипломатска игра на Блискиот Исток. Примирјето меѓу САД и Иран продолжено во последен момент – Трамп се предомисли, ја пролонгира одлуката додека траат мировните преговори, а блокадата на иранските пристаништа останува во сила. Техеран се двоуми за преговори, бара укинување на блокадата како услов за нова рунда разговори. Меѓународната заедница го поздрави продолженото примирје и повикува на излез од кризата.

Примирјето меѓу САД и Иран е продолжено-Трамп се предомисли пред истекот на рокот и спротивно на неговото претходно ветување, најави дека ќе важи сè додека не завршат мировните преговори. Американската блокада на иранските пристаништа останува, а одлуката, како што рече, следи по барање од Пакистан и поради внатрешните поделби во Иран. Од Белата куќа потврдија дека е откажано патувањето на потпретседателот Венс кој требаше да ги предводи разговорите во Исламабад.

„Побарано е да го одложиме нашиот напад врз Иран сè додека нивните лидери и претставници не излезат со заеднички предлог. Затоа ѝ наредив на нашата војска да ја продолжи блокадата и да остане подготвена. Со тоа, ќе го продолжам и примирјето сè додека не биде доставен нивниот предлог и разговорите не завршат, на еден или друг начин“, објави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран соопшти дека сè уште нема конечна одлука за учество во преговорите со САД и ја нарече блокадата чин на војна. Велат, нова рунда разговори е можна само ако Вашингтон ја прекине.

„Не е донесена конечна одлука. Причината е јасна-се соочуваме со контрадикторни пораки и неприфатливи дејствија од американскиот колега. Агресијата кон поморскиот превоз и трговија е опасно кршење. Ова се примери за пиратство и државен тероризам“, изјави Есмаил Багаи, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.

Одлуката за продолженото примирје поздравена.

„Искрено му се заблагодарувам на Трамп за прифаќање на нашето барање што ќе овозможи тековните дипломатски напори да го продолжат својот тек“, објави Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.

„Ова е важен чекор кон деескалација и создавање простор за дипломатија и градење доверба меѓу Иран и САД“, Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.

„Многу е важно да му дадеме континуитет на процесот. Ова е сложен процес. Имаме нуклеарен аспект, но и други важни прашања-балистичките ракети и регионалните прашања. Ситуацијата во теснецот неизбежно ќе треба да се реши заедно со другите. Затоа е важно да се даде можност за мир“, изјави Рафаел Маријано Гроси, генерален директор на МААЕ.

Во меѓувреме, ЕУ најави нови санкции против Иран поради попречување на пловидбата по теснецот, но не го суспендира Договорот за асоцијација со Израел.

„Постигнавме договор за проширување на санкциите за да се таргетираат оние што се одговорни за кршење на слободата на навигација. Транзитот низ теснецот мора да остане бесплатен“, изјави Каја Калас, шефицата за надворешна политика на ЕУ.

Велика Британија и Франција во Лондон со воени планери од над 30 земји бараат решение за повторно отворање на теснецот, додека Иран се закани со напади врз американски и израелски цели доколку повторно биде нападнат демонстрирајќи сила на про-воени митинзи во Техеран со прикажување лансери за балистички ракети.

 

Бојана Крстевски