Украина бара од ЕУ итно да го деблокира пакетот помош од 90 милијарди евра
Украина бара од ЕУ итно да го деблокира пакетот помош од 90 милијарди евра, откако Зеленски соопшти дека се завршени поправките на оштетениот нафтовод „Дружба“ и дека транзитот ќе продолжи денеска...

Украина бара од ЕУ итно да го деблокира пакетот помош од 90 милијарди евра, откако Зеленски соопшти дека се завршени поправките на оштетениот нафтовод „Дружба“ и дека транзитот ќе продолжи денеска, обвинувајќи ја Русија за нападите. Тој порача дека средствата се клучни за воената и економската поддршка и дека нема основа за понатамошно блокирање. Од Брисел велат дека постои претпазлив оптимизам дека договорот може да биде усвоен уште денеска, по месеци застој и блокада од унгарскиот премиер Орбан.
Во меѓувреме, испораките на нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати по оштетувања од напади со беспилотни летала. Зеленски повика ЕУ да го продолжи притисокот врз Русија за, како што вели, да не се дозволи неказнето водење на војната. Истовремено, Кремљ вели дека се подготвува да продолжи со испораките на нафта, но дека тоа зависи од Киев. Путин изјави дека знае како ќе заврши воената операција во Украина и рече дека руските цели ќе бидат постигнати. На фронтот, борбите продолжуваат.
„Од суштинско значење е европскиот пакет за поддршка на Украина – 90 милијарди евра во текот на две години – да биде деблокиран. Овие средства веќе беа одобрени од Европскиот совет, но беа блокирани. Не може да има основа за нивно блокирање повеќе. ЕУ побара од Украина да го поправи нафтоводот „Дружба“, кој беше уништен од Русија. Ние го поправивме. Се надеваме дека ЕУ ќе ги исполни и договорените обврски“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
