Киев бара деблокирање на пакетот помош од ЕУ
Украина бара од Европската унија итно деблокирање на пакетот помош од 90 милијарди евра, по обновувањето на нафтоводот „Дружба“ и продолжениот транзит. Зеленски порача дека нема оправдување за понатамошно блокирање и повика на засилен притисок врз Москва. Во меѓувреме, Словачка најави поддршка за нови санкции кон Русија, додека Кремљ вели дека Москва ќе продолжи со испораките, но и со создавање „безбедносна зона“. На фронтот борбите траат, а Киев предлага средба Зеленски – Путин во Турција за придвижување кон решение за крај на војната...

Украина бара од ЕУ итно да го деблокира пакетот помош од 90 милијарди евра, откако Зеленски соопшти дека се завршени поправките на оштетениот нафтовод „Дружба“ и дека транзитот ќе продолжи денеска, обвинувајќи ја Русија за нападите. Порача дека средствата се клучни за воената и економската поддршка и нема основа за понатамошно блокирање. Дополнително, украинскиот лидер повика да се продолжи притисокот врз Москва.
„Од суштинско значење е европскиот пакет за поддршка на Украина – 90 милијарди евра во текот на две години да биде деблокиран. Овие средства веќе беа одобрени од Европскиот совет, но беа блокирани. Не може да има основа за нивно блокирање повеќе. Еу побара од Украина да го поправи нафтоводот „дружба“, кој беше уништен од Русија. Ние го поправивме. Се надеваме дека ЕУ ќе ги исполни и договорените обврски“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Словачка е подготвена да го поддржи 20-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија откако ќе се обнови протокот на нафта преку нафтоводот „дружба“.
„Според нашата проценка, тој нема да има влијание врз словачката економија, но ќе го сториме тоа само откако руската нафта ќе пристигне во Словачка преку нафтоводот“, изјави Јуриј Бланар, словачки министер за надворешни работи“, изјави Јурај Бланар, словачки министер за надворешни работи.
Истовремено, Кремљ вели дека се подготвува да продолжи со испораките на нафта, но дека тоа зависи од Киев. Рускиот претседател изјави дека земјата има цел да создаде безбедносна зона во пограничните региони со Украина за да се елиминираат какви било закани.
„Безбедносната зона за која зборуваме постепено се создава на соседната територија. Ќе продолжиме да дејствуваме на овој начин сè додека не ја отстраниме заканата за нашите погранични региони“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
На фронтот, борбите продолжуваат. Украина побара од Турција да биде домаќин на средба меѓу Зеленски и Путин, за побрз крај на војната.
Катерина Бојаџиева
