Почна процесот на укинување на техничката влада
Пратениците одлучија да продолжи постапката за измени во законот за влада со кои по следните парламентарни избори ќе престане да функционира таканаречената пржинска или техничка влада.

Со мнозинство гласови пратениците одлучија да продолжи постапката за измени во законот за влада со кои по следните парламентарни избори ќе престане да функционира таканаречената пржинска или техничка влада.
Во образложението се наведува дека измените се насочени кон рационално користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на владата како носител на извршната власт, избрана од Собранието.
Опозицијата против. СДСМ и од Европскиот фронт побараа предлогот да биде повлечен. Власта не прифати. Социјал демократите со став-одлуката за техничка влада беше донесена со консензус, така треба да биде и укината. Сметаат дека општеството не е зрело за фер и демократски избори.
Чудно ги менувате ставовите за техничка влада, како да сакате да кажете дека повторно сме 2016-та – возвратија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Панично бегате од измените, а и вие баравте укинување на преодното решение со техничка влада.
Сега во Собранието следува втората фаза на измените во законот за влада. Пратениците може да поднесат и амандмани.
Миле А.Ристески
