На денешното рочиште за пожарот во „Пулс“ сослушан само еден сведок
Уште едно потресно сведоштво за кобната ноќ во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Сведочеше студентка од Штип која вечерта била во дискотеката кога се случила трагедијата. Во исказот пред судот, рече дека не и биле познати лицата кои ја поставувале пиротехниката....

Уште едно потресно сведоштво за кобната ноќ во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
„Пиротехниката беше многу близу до нашата маса која се наоѓаше во непосредна близина на бината, но истата беше поставена од кога дојдовме во локалот, односно по еден часот по полноќ“, раскажуваше студентката која таа вечер со пријателите биле во „Пулс“.
Во исказот пред судот, рече дека не и биле познати лицата кои ја поставувале пиротехниката. Додека снимала со мобилен телефон, почнал пожарот, најпрво не го сфатиле сериозно, но кога некој член од бендот повикале да излезат сите тогаш и таа се упатила кон излезот. Се заглавила меѓу влезната и излезната врата и почнала тешко да дише.
„Гужвата беше огромна. Во еден момент паднав и останав заглавена. Мирисот беше тежок, кисел, неприроден. Слушав експлозии зад мене. Барав помош. До мене беше пријателот кого го држев за рака. Надвор ме извлече лице од обезбедувањето“, изјави сведокот.
Сведокот истакна дека во објектот присуствувала и додека била малолетна, а и други вечери се користела пиротехника.
Само еден сведок сведочеше на денешното судско рочиште за кочанската трагедија, другите не дојдоа. Во почетокот на судењето обвинителот рече дека за барањето на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, за определување мерка куќен притвор ќе се произнесе или писмено или на следното рочиште.
На 28-ми април е закажано продолжувањето на судскиот процес, ќе бидат презентирани обдукциските извештаи.
Ана Јосифоска
