Двојно поскапе авионското гориво, голем дел од летовите откажани
Двојното зголемување на цените на авионското гориво од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, предизвикува хаос во европскиот авиосообраќај. Голем дел од летовите се откажуваат, а цените на билетите растат...

Двојното зголемување на цените на авионското гориво од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, предизвикува хаос во европскиот авиосообраќај. Голем дел од летовите се откажуваат, а цените на билетите растат. Германската авиокомпанија „Луфтханза“ веќе најави дека летово ќе откаже 20.000 летови, со што ќе заштеди околу 40.000 тони гориво.
И дел од останатите европски авиокомпании предупредуваат, доколу Ормутскиот теснец остане затворен, поголеми нарушувања во снабдувањето со гориво, се очекуваат од мај.
Европската комисија веќе подготвува пакет мерки за справување со кризата, насочени кон ублажување на евентуалните ценовни шокови и зајакнување на производството на одржливи горива за авијација. Крајната цел е Европа да биде подготвена при евентуално продлабочување на кризата.
„Денешната криза ја покажува важноста од забрзувањето на енергетската транзиција, којашто е клучна за конкурентноста, отпорноста и просперитетот. Подготвени сме да преземеме натамошни мерки, доколку состојбата се влоши, бидејќи не знаеме колку долго би траела“, изјави Тереза Рибера – Европска комисија.
Во пакетот мерки, предвидено е и формирање опсерваторија за следење на производството, увозот, извозот и залихите на транспортните горива во унијата, како и зголемување на производството на домашна зелена енергија.
„Ќе работиме заедно со земјите членки, за да ги надополниме нашите резерви на гас на време за следната зима, за да не додаваме непотребен притисок врз пазарите. Воедно, ќе ги засилиме и активностите за да се осигураме дека снабдувањето со горива, вклучително и за авионите, биде адекватно низ целата унија“, изјави Ден Јоргенсен – европски комесар за енергетика и домување.
Со цел, одржливо деблокирање на Ормутскиот теснец, во Лондон ќе се одржат дводневни разговори, во кои ќе учествуваат воени експерти од над 30 држави. Во мисијата предводена од Велика Британија и Франција, ќе учествуваат земји од Европа, Азија и Блискиот Исток.
Марија Котовска
