Иран

Трамп без рок за војната во Иран

23.04.2026 08:40

Трамп нема утврдена временска рамка за крај на војната со Иран, ниту нов датум за преговори. Примирјето е продолжено на неодредено време, додека се чека одговор од Техеран-велат од Белата куќа.

Американскиот претседател Трамп нема утврдена временска рамка за крај на војната со Иран, ниту нов датум за преговори. Примирјето е продолжено на неодредено време, додека се чека одговор од Техеран-велат од Белата куќа.

Иранската заплена на два брода во Ормускиот теснец, Вашингтон не ја смета за прекршување на договорениот прекин на огнот. Шефот на морнарицата на Трамп си поднесе оставка.

„Претседателот сака унифициран одговор. И додека го чекаме, има прекин на огнот со воени и кинетички напади, а ефективната и успешна поморска блокада продолжува и на бродовите и на пловилата што се движат кон и од иранските пристаништа“, изјави Каролин Ливит - портпаролка на Белата куќа.

Главниот ирански преговарач, Галибаф изјави дека Ормускиот теснец не може да биде отворен поради прекршувања на прекинот на огнот. Иран останува отворен за преговори, но блокадата и заканите се главни пречки за вистински дијалог-додава претседателот Пезешкијан.

„Прекршувањето на обврските, блокадите и заканите се главни пречки за вистински преговори. Светот ја гледа вашата бескрајна лицемерна реторика и контрадикција помеѓу тврдењата и дејствијата“, објава на Масуд Пезешкијан - претседател на Иран.

Во меѓувреме за време на кревкото примирје меѓу Израел и Либан се пријавени неколку жртви, меѓу кои и новинар, во израелски напад во пресрет на новата рунда преговори во Вашингтон.