Трамп го продолжи примирјето со Иран на неодредено време
Американскиот претседател Трамп нема утврдена временска рамка за крај на војната со Иран, ниту нов датум за преговори. Примирјето е продолжено на неодредено време, додека се чека одговор од Техеран-велат од Белата куќа. Иранската заплена на два брода во Ормускиот теснец, Вашингтон не ја смета за прекршување на примирјето. Шефот на морнарицата на Трамп си поднесе оставка...

Американскиот претседател Трамп нема утврдена временска рамка за крај на војната со Иран, ниту нов датум за преговори. Примирјето е продолжено на неодредено време, додека се чека одговор од Техеран, велат од Белата куќа. Иранската заплена на два брода во Ормускиот теснец, Вашингтон не ја смета за прекршување на примирјето. Шефот на морнарицата на Трамп си поднесе оставка.
„Претседателот сака унифициран одговор. И додека го чекаме, има прекин на огнот со воени и кинетички напади, а ефективната и успешна поморска блокада продолжува и на бродовите и на пловилата што се движат кон и од иранските пристаништа, Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Иран останува отворен за преговори, но блокадата и заканите се главни пречки за вистински дијалог-нагласува претседателот Пезешкијан.
„Исламската Република Иран го поздрави дијалогот и договорот и продолжува да го прави тоа. Прекршувањето на обврските, блокадите и заканите се главни пречки за вистински преговори. Светот ја гледа вашата бескрајна лицемерна реторика и контрадикција помеѓу тврдењата и дејствијата“, објави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Главниот ирански преговарач, Галибаф изјави дека Ормускиот теснец не може да биде отворен поради прекршувања на прекинот на огнот. Енергетската криза предизвикана од војната може да има долгорочни последици врз цените и снабдувањето со енергенси, предупредуваат од Брисел. Шефот на Меѓународната агенција за енергија очекува кризата да предизвика силен одговор од владите и индустријата.
„! Ова не е краткорочно, мало зголемување на цените. Ова е криза која е веројатно сериозна како кризите од 1973-та и 2022-ра година заедно. А ова значи дека сме пред многу тешки месеци или можеби дури и години, во зависност, се разбира, од развојот на Блискиот Исток“, објави Ден Јоргенсен, комесар за енергетика и домување на ЕУ.
„Се соочуваме со најголемата енергетска криза во историјата. Количината на нафта и гас што ја губиме денес е многу поголема од сите три кризи заедно. Очекувам дека ќе има голем одговор и на оваа криза“, изјави Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.
Во меѓувреме за време на кревкото примирје меѓу Израел и Либан се пријавени неколку жртви, меѓу кои и новинар, во израелски напад во пресрет на денешната нова рунда дипломатски преговори во Вашингтон.
Бојана Крстевски
