Без утврдена временска рамка за нова рунда преговори меѓу САД и Иран
Примирјето меѓу САД и Иран е продолжено на неопределено време, но напнатоста продолжува да се продлабочува, без јасен крај на конфликтот и без утврдена временска рамка за нова рунда преговори. Додека Вашингтон чека одговор, Техеран предупредува дека американските блокади и закани се главна пречка за дијалог. Ормускиот теснец останува затворен. По иранската заплена на меѓународни бродови, црна гора потврди дека на еден од нив има четворица нејзини морнари. Во меѓувреме во САД, нова рунда дипломатски преговори меѓу Израел и Либан. Експертите со предупредувања за глобалните економски последици од војната.

Американскиот претседател Трамп нема утврдена временска рамка за крај на војната со Иран, ниту нов датум за преговори, но Вашингтон веќе работи на планирање нова рунда разговори во Исламабад. Од Белата куќа велат дека примирјето е продолжено на неодредено време, додека се чека одговор од Техеран, додавајќи дека иранската заплена на два брода во Ормускиот теснец не ја сметаат за прекршување на примирјето, бидејќи се работи за меѓународни бродови. Во меѓувреме оставка поднесе и шефот на американската морнарица.
„Претседателот сака унифициран одговор. И додека го чекаме, има прекин на огнот со воени и кинетички напади, а ефективната и успешна поморска блокада продолжува и на бродовите и на пловилата што се движат кон и од иранските пристаништа“, изјави Каролин Ливит – портпаролка на Белата куќа.
Иран останува отворен за преговори, но блокадата и заканите се главни пречки за вистински дијалог-нагласува претседателот Пезешкијан.
„Исламската Република Иран ги поздрави дијалогот и договорот и продолжува да го прави тоа. Прекршувањето на обврските, блокадите и заканите се главни пречки за вистински преговори. Светот ја гледа вашата бескрајна лицемерна реторика и контрадикција помеѓу тврдењата и дејствијата“, изјави објава на Масуд Пезешкијан – претседател на Иран.
Главниот ирански преговарач, Галибаф изјави дека Ормускиот теснец не може да биде отворен поради прекршувања на прекинот на огнот. Црна Гора потврди дека на еден од запленетите бродови има четворица нејзини морнари, вклучувајќи го и капетанот.
„Најважно е што нашите морнари се во добра здравствена состојба. Ја следиме ситуацијата и сме во постојан контакт. Ќе направиме сè за да ги вратиме нашите морнари дома безбедно и што е можно поскоро“, изјави Филип Радуловиќ – министер за поморски работи на Црна Гора.
Во меѓувреме, Брисел предупредува дека енергетската криза предизвикана од војната може да има долгорочни последици врз цените и снабдувањето со енергенси, додека цените на нафтата бележат раст. Шефот на Меѓународната агенција за енергија очекува кризата да предизвика силен одговор од владите и индустријата.
„Ова не е краткорочно, мало зголемување на цените. Ова е криза која е веројатно сериозна како кризите од 1973 и 2022 година заедно. А ова значи дека сме пред многу тешки месеци или можеби дури и години, во зависност, се разбира, од развојот на Блискиот Исток“, изјави Ден Јоргенсен -комесар за енергетика и домување на ЕУ.
„Се соочуваме со најголемата енергетска криза во историјата. Количеството на нафта и гас што ги губиме денес е многу поголема од сите три кризи заедно. Очекувам дека ќе има голем одговор и на оваа криза“, изјави Фатих Бирол -извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.
Во меѓувреме за време на кревкото примирје меѓу Израел и Либан се пријавени неколку жртви, меѓу кои и новинар, во израелски напад во пресрет на денешната нова рунда дипломатски преговори во Вашингтон.
Бојана Крстевски
