Шумски пожари беснеат во југоисточниот дел на САД, илјадници евакуирани
Југоистокот на САД се соочува со катастрофални шумски пожари-најтешки во последните 40 години. Илјадници луѓе се евакуирани, а најкритично е во Џорџија, каде веќе има уништени домови и прогласена вонредна состојба. Волонтери се мобилизираат за помош на евакуираните со храна и поддршка. Квалитетот на воздухот станува сериозна закана за здравјето…

Југоисточниот дел на САД се соочува со најтешките шумски пожари во последните 40 години. Илјадници луѓе се евакуирани. Најкритично е во Џорџија, каде се уништени десетици домови, а уште стотици се загрозени. Пеплосани се повеќе од 85 квадратни километри.
„Државата Џорџија прогласи вонредна состојба поради пожарите предизвикани од силните суши, ветровите и ниската влажност. Од 18 април, низ целата држава се пријавени над 90 шумски пожари, кои изгореа илјадници хектари“, изјави Џои Кејсон, управител на округот Брентли, Џорџија.
„Тешко е да се замислите дека сè за што сте работеле толку напорно, едноставно исчезна без најава“, рече Бријана Елиот округ Брентли, Џорџија.
Огромни облаци чад покрија и делови во северна Флорида, држава која се соочува со една од најлошите сезони на пожари во последниве децении. Пожарникарите се борат со 131 активен пожар, додека волонтери нудат бесплатни оброци за време на евалуациите.
„Кога слушнавме за евакуации поради пожарот, ние едноставно почнавме да готвиме и да нудиме оброци на сите. Има толку многу луѓе кои дадоа донации. Се обидуваме да направиме сè што можеме за да помогнеме“, изјави Расти Брајан, волонтер.
„Тука сум бидејќи моравме да се евакуираме поради пожарот. Не знам дали имам куќа што стои или не и тоа е она што ме излудува“, рече Дениз Стивенс, евакуирана.
Квалитетот на воздухот станува опасен по здравјето. Властите велат дека надеж за смирување на огнот е поголемо количество дожд.
Катерина Бојаџиева
