Транспорт

Коридорот 8 се гради со полна пареа

23.04.2026 17:10

Коридорот 8 се гради со полна пареа. Објавен е тендерот за избор на надзор за третата фаза од пругата кон Бугарија, а за скоро треба се објави и тендерот за избор на изведувач, што значи дека летово ќе почнат работите на терен. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на состанок со претставници на делегацијата на Европската унија ги дискутираат следните чекори.

Изградбата на железничката и патната инфраструктура од Коридорот 8 ќе чинат 5 милијарди евра. Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, со полна пареа се работи на сите делници низ Македонија. Засега, вели, проблематичен е делот од Охрид до Ќафасан, оти се чека мислењето на УНЕСКО, но сепак овој дел од автопатот ќе се изгради по сегашната или по нова траса.

Паралелно, летово треба да почнат и градежните работи на пругата кон Бугарија. Тендерот е објавен. Според министерот, веќе се почнати градежните активности на заедничкиот тунел, и засега динамиката оди добро.

Од Делегацијата на ЕУ велат дека Коридорот 8 е стратешки проект со придобивки, како за граѓаните, така и за државите.

Претходно, Николоски со неговиот бугарски колега Караџов во ноември лани во Ѓуешево го потпишаа Договорот за подготовка и изградба на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8. Со тоа, двете земји се договорија да нема никакви проблеми.

Борис Грујоски