Здравство

Се подготвува закон за отворање на Факултет за медицински сестри, акушерки и физиотерапевти

23.04.2026 16:34

Се подготвува закон за отворање на Факултет за медицински сестри, акушерки и физиотерапевти. Предлогот е тој да биде во состав на Универзитет во Битола каде веќе има висока стручна школа за медицински сестри. Од Министерството за образование очекуваат со отворањето на факултетот да се подобри здравствената грижа на населението.

Факултет за медицински сестри, акушерки и физиотерапевти ќе биде отворен во склоп на универзитетот во Битола. Законот е подготвен, наскоро ќе се гласа во собранието. Новата образовна институција се очекува да профилира кадар кој ќе дава подобри здравствени услуги за пациентите во земјава. Со унапредувањето на едукацијата на медицинските сестри тие очекуваат да бидат и предавачи на факултетите.

„Новиот закон за високо образование не смее да го ускрати тој модел со кој медицинските сестри во кариерниот развој треба да бидат носители на образовните програми за здравствената нега, бидејќи тие го работат тоа во болниците. До овој момент здравствената нега и сето тоа во тој дел во образовните програми ни го предаваат докторите“, изјави Гордана Бешлиоска – Здружение на медицински сестри, акушерки и техничари „За нас“.

Медицинските сестри се дефицитарен кадар во земјава, за подобри услови и повисоки приходи заминуваа да работат во западно – европските земји. Проектот треба да придонесе да се намали нивниот одлив.

„Овој проект кој ние сега го правиме е во правец не само да добијат компетенции, туку и да се поткрене свеста, да ја сфатат суштината на нивната исклучително значајна струка за помош на населението, но и за развој на нивната држава“, изјави Весна Јаневска – министерка за образование и наука.

Унапредувањето на едукацијата на медицинските сестри е со поддршка на Словенија. Државата има 10 годишна национална стратегија за задржување на медицинските сестри во земјата. Проблем со кој се соочуваат и други европски земји.

„Поради демографијата и зголемената потреба на луѓето, потребни ни сè поголем број сестри и доктори и треба да се направи добар и стабилен мултидисциплинарен тим, кој ќе им дава помош на луѓето – од превенција до терапија. Ако не се вложува во системот, во медицинските сестри и во докторите, тогаш нема ни да ги има“, изјави Денис Кордеж – државен секретар во Министерството за здравство на Словенија.

Според последните податоци во земјава има околу 9.200 медицински сестри – недостасуваат најмалку уште 6.000.

Недостигот на медицински сестри најмногу се чувствува на одделите за интензивна нега каде се лекуваат најтешко болните, има дефицит од инструментарки во операциони сали, а сестри фалат и на одделите за хоспитализација.

Андријана Ѓурческа