Битола

Пронајдени 1.067 неексплодирани убојни средства

23.04.2026 17:41

И по повеќе од 100 години од првата светска војна, во Битола сè уште се пронаоѓа закопана муниција. Од крајот на март до сега, од страна на пиротехничарот Ѓорги Стефанов, ископани се 1.067 неексплодирани убојни средства, според претпоставките, станува збор за магацин во кој има поголема количина...

Во старата битолска касарна, кај населбата Златен рид, на само 100-тина метри од првите куќи, пронајдени 1067 неексплодирани убојни средства од првата светска војна.

Станува збор за 526 минофрлачки и 263 тромблонски гранати како и 278 рачни бомби, кои по пријава од случаен минувач, од страна на пиротехничарот Стефанов успешно се отстранети и складирани.

Битола била во првата борбена линија на Солунскиот фронт. Поради интензивните бомбардирања, дел од муницијата останала закопана на повеќе локации низ градот. Неодамна во градскиот парк, пронајдени се три артилериски гранати.

Дирекцијата за заштита и спасување во моментот располага со само двајца пиротехничари, кои добиваат двојно поголема плата. Доколку има потреба со договор на дело ќе бидат ангажирани и четворица пензионирани пиротехничари

Пронајдените убојни средства по одобрение од министерство за одбрана ќе бидат уништени на полигонот во Криволак.

Александра Максимовска