Гласот на „Последните Македонци“ се слушна во Виена
Македонските дипломати во Виена велат дека македонската култура на голема врата влегува во Европа...

Се слушна гласот на „Последните Македонци“ во Виена. Шестмината актери од Драмскиот театар во Скопје пред иселениците во Австрија ја раскажаа приказната за Македонија. Синоќа изведоа дел од претставата во црковната општина Св. Наум Охридски и успеаја да ги потсетат присутните на нивните корени и на традицијата.
„Изненадувачки добро, не очекував, солзи пролеав... Позитивно изненанден од оваа претстава... Се надевам дека многу наши пријатели што не се Македонци ќе бидат исто толку воодушевени“, велат дел од иселениците кои ја проследија претставата.
Македонските дипломати во Виена велат дека македонската култура на голема врата влегува во Европа.
„Австрија е држава која секогаш ги поддржувала евроинтеграциите на Република Македонија, на Балканот. Едноставно интересот е историски, од секогаш постоел и ќе постои. Со вакви манифестации таа соработка само ќе ја наградиме“, вели Кире Илијоски, амбасадор на Меѓународните организации во Виена.
Синоќешната изведба на „Последните Македонци“ беше најава за вечерашниот настап на Драмски во престижниот виенски театар Акцент.
„Како репрезент на македонската култура ќе упати една јасна недвосмислена порака за тоа кои сме и што сме и што не можеме да бидеме“, нагласи Роберт Велјановски, директор на Драмски театар.
Во следниве неколку дена Виена ќе пулсира во знакот на македонскиот фолклор, традицијата и уметноста.
По повод 20 години од дипломатските односи со Република Австрија, од 18 до 22 септември во центарот на европската култура се одржуваат денови на македонската култура.
Освен Драмскиот театар од Скопје, свое претставување ќе имаат и Музејот на Современа уметност и Македонската опера и балет.
Сунчица Николоска, специјален известувач од Виена за МРТ
