Гаши ќе ја отвори Конференцијата на парламентарни претставници од земјите на ЈЈИ
Африм Гаши денеска ќе биде домаќин на ХХ Конференција на претседатели/спикери на Јадранско и Јонската Иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во рамките на претседавањето на нашата држава со оваа Иницијатива.

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе биде домаќин на ХХ Конференција на претседатели/спикери на Јадранско и Јонската Иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во рамките на претседавањето на нашата држава со оваа Иницијатива.
На состанокот е најавено присуство на претседатели, заменик-претседатели и пратеници од парламентите на државите членки на ЈЈИ – Република Северна Македонија, Република Албанија, БиХ, Хрватска, Република Грција, Црна Гора, Италијанска Република, Сан Марино, Република Србија и Република Словенија, како и претставници од Секретаријатот на ЈЈИ.
Учесниците на Конференцијата ќе се фокусираат на две клучни теми на кои ќе бидат посветени двете сесии: „Промовирање на мирот и стабилноста преку парламентарната дипломатија“ и „Зајакнување на регионалната поврзаност: Коридорите VIII и X и улогата на парламентите“.
На Конференцијата, покрај претседателот Гаши, обраќање ќе имаат и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова; потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николовски; заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски; Ризван Сулејмани, вонреден професор, поранешен министер и поранешен пратеник, Драгана Бојковска, пратеничка, претседателка на Клубот на младински прашања и политики на Собранието, Абдулменаф Беџети, академик, поранешен министер и поранешен пратеник и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.
Се очекува Конференцијата да заврши со усвојување на Заедничка изјава во која се дефинирани приоритетите на земјите членки на ЈЈИ, која ќе биде достапна на веб страницата на Собранието.
