Блиски Исток

Израел и Либан го продолжија примирјето

24.04.2026 12:35

Американските воени сили развиваат планови за таргетирање на иранските капацитети во Ормускиот теснец доколу не успее прекинот на огнот во Иран. Примирјето меѓу Израел и Либан продолжено за уште три недели. Светските берзи бележат раст на цената на нафтата…

САД развиваат планови за гаѓање на иранската одбрана во Ормускиот теснец доколку прекинот на огнот со Иран не успее. Примирјето е ставено на тест, а тензиите растат откако Трамп издаде наредба за напади врз ирански чамци кои поставуваат мини за да го задушат сообраќајот низ теснецот. Заканите доаѓаат во момент на нова заплена на танкер поврзан со шверц на иранска нафта. Шефот на Белата куќа предупреди дека нема да брза со договор за завршување на војната.

„Не сакам да брзам. Ја уништив земјата воено во првите четири недели. Сега сè што правиме е да седиме и да видиме каков договор ќе склучиме. Ако не сакаат договор, ќе го завршам воено. Знаете кој е под временски притисок? Тие се. Но, тие дури и не знаат кој ја води земјата. Тие се во превирања. Затоа помисливме да им дадеме шанса да решат дел од нивните несогласувања“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Техеран ги отфрла тврдењата на Трамп за поделеност во власта, и порача дека приоритет во преговорите повеќе не е нуклеарното прашање, туку ставање крај на војната и обезбедување на националните интереси на Иран. Возврати дека блокадата на иранските пристаништа и нападите врз бродови претставуваат кршење на меѓународното право и акт на агресија.

„Тврдењата дека Иран не може да донесе одлука се проекција. Главната тема е завршување на војната и обезбедување на нашите интереси. Блокадата и нападите врз бродови се кршење на меѓународното право. Ако нема добра волја од САД, како да има доверба за поширок договор?“, истакна Есмаил Бага, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.

Во меѓувреме, Израел и Либан по разговорите во Белата куќа го продолжија примирјето за уште три недели. Но само неколку часа по објавата регистрирани се нови напади. Израел соопшти дека чека зелено светло од САД за продолжување на нападите врз Иран.

„Израел е подготвен за продолжување на војната против Иран. Целите се обележани, чекаме зелено светло од САД, пред сè, за да ја завршиме елиминацијата на династијата Хаменеи. Овојпат ќе биде смртоносно, ќе нанесеме разорни удари уривајќи ги темелите на иранскиот терористички режим“, рече израелскиот министер за одбран, Израел Кац.

Ситуацијата на Блискиот Исток - една од темите на самитот на ЕУ лидерите во Кипар. Порачуваат дека примирјето мора да продолжи, а теснецот повторно да се отвори.

„Ормутскиот теснец мора да биде отворен. Прекинот на огнот мора да се одржува, вклучително и во Либан, а дипломатските дискусии со Иран за нуклеарни и балистички прашања мора да продолжат. Франција ќе ги преземе своите одговорности, како и повторното отворање на теснецот, а не преку целни блокади или други средства, и тоа е целата поента на иницијативата што ја презедовме со Обединетото Кралство минатата недела“, порача францускиот претседател, Емануел Макрон.

Во меѓувреме, останува неизвесно дали и кога ќе продолжат разговорите меѓу двете земји, откако планираните преговори не се одржаа. Иран условува со прекин на блокадата, додека САД бараат отворање на теснецот за меѓународен сообраќај.

Бојана Крстевски