ДПИ

Државен пазарен инспекторат – засилени инспекциски контроли

24.04.2026 16:16

ДПИ ја информира јавноста дека, во согласност со одлуките на Владата на Република Северна Македонија донесени со цел ублажување на економските последици и заштита на домашното земјоделско производство...

Државниот пазарен инспекторат ја информира јавноста дека, во согласност со одлуките на Владата на Република Северна Македонија донесени со цел ублажување на економските последици и заштита на домашното земјоделско производство, ќе врши засилени инспекциски контроли на пазарот на ѓубрива.

Контролите ќе бидат насочени кон доследна примена на утврдените мерки, и тоа:

-Како највисоки цени на залихите во трговијата на големо на неоргански ѓубрива се утврдуваат цените што се применувале во трговијата на големо на 15 април 2026 година, намалени за 10%;

-Се ограничува највисоката бруто-профитна маржа во трговијата на големо и мало на неорганските ѓубрива до 5%;

-Се ограничува највисоката бруто-профитна маржа во трговијата на големо и мало на органските ѓубрива, органо-минералните ѓубрива, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата до 10%.

Дополнително, се воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива. Трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и продаваат најмалку 70% од просечната количина што ја набавиле во 2026 година, додека трговците на големо се обврзуваат да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70% од просечно продадените количини.

Одлуките ќе се применуваат заклучно со 31.05.2026 година.

Државниот пазарен инспекторат ќе постапува по сите утврдени неправилности и ќе изрекува соодветни мерки и санкции согласно со законските надлежности.

Апелираме до сите економски оператори во големопродажба и малопродажба да постапуваат во согласност со донесените одлуки, со цел обезбедување фер пазарни услови и заштита на интересите на земјоделците и граѓаните.

Државниот пазарен инспекторат останува посветен на доследна примена на законите и заштита на економската стабилност.