Руско-украински конфликт

Москва продолжува со напади врз Украина, Киев возвраќа со дронови

24.04.2026 16:02

Москва продолжува со напади врз Украина, додека Киев возвраќа со дронови кон руската нафтена инфраструктура. Зеленски повика на посилен меѓународен притисок врз Путин. ЕУ одобри 90 милијарди евра помош и нов пакет санкции, со порака дека Украина има иднина во Унијата. Додека дипломатските напори продолжуваат, останува отворено прашањето-дали рускиот претседател ќе се појави на Самитот на Г20 во декември, по поканата од Соединетите Американски Држави...

Додека Москва продолжува со нова серија напади низ Украина, Киев ги насочи своите беспилотни летала кон руската нафтена инфраструктура. Зеленски предупредува дека ако светот сака да го запре Путин, мора да му каже дека греши. Тој им се приклучи на лидерите на ЕУ на самитот во Кипар, откако унијата формално го одобри заемот од 90 милијарди евра за поддршка на Киев и 20. Пакет-санкции за Русија.

„Одлуката на ЕУ 100% ја тера Русија да размислува повеќе за преговори. Тоа е историска одлука и сум многу сум благодарен“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Европските лидери порачаа дека Украина има иднина во ЕУ и дека треба да продолжи процесот на пристапување.

„Сега е време да гледаме напред и да го подготвиме следниот чекор и формално да се отворат првите групи преговори, за првиот кластер за европската сесија на Украина со ЕУ“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

„Иднината на Украина е апсолутно во Европа. Значи, колку побрзо почнеме, толку побрзо ќе бидеме таму“, изјави Кристен Михал, премиер на Естонија.

„Мислам дека е важно европската комисија да обезбеди прецизен временски рок и иницијативи што ќе се преземат во наредните недели за Украина и Молдавија, кои чекаат отворање на поглавја за пристапување“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Руските власти потврдија дека Путин е поканет од САД да учествува на декемврискиот Самит на Г20, но сè уште не е јасно дали ќе присуствува лично или ќе биде испратена друга делегација.

 

Катерина Бојаџиева