Реакции по трагедијата во Кисела Вода – повици за одговорност
Градоначалничката на Кисела Вода Елизабета Стаменкоска-Трајкоска вели дека безбедноста е приоритет и не смее да биде предмет на политика откако советниците на СДСМ побараа вонредна седница за итни мерки и утврдување одговорност...

„Безбедноста е приоритет и не смее да биде предмет на политика“, порача градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска по трагичниот настан во Кисела Вода. Таа упати сочувство до семејството на починатиот и посака побрзо закрепнување на повредените.
„Во врска со трагичниот настан што се случи на територија на Општина Кисела Вода, изразуваме длабоко жалење за загубата на човечки живот и сочувство до семејството на починатиот. Безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет и не смее да биде предмет на политички поени. Во овој момент, надлежните институции постапуваат и се во тек проверки за утврдување на сите околности поврзани со настанот. Општината целосно соработува со институциите и ќе постапи согласно сите наоди и препораки. Ја разбираме загриженоста на јавноста, но апелираме на одговорност и воздржаност од изнесување непроверени информации и политизација на случајот“, изјави Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Во меѓувреме и советниците на СДСМ бараат вонредна седница на советот, итни мерки и одговорност по трагедијата во Кисела Вода.
„На вонредната седница треба да се донесат конкретни мерки, меѓу кои: формирање независна стручна комисија за проверка на сите издадени одобренија за градба на територијата на општината, итно воведување мораториум на сите градежни активности до утврдување на безбедноста и законитоста, целосна транспарентност и јавно објавување на сите документи, дозволи и наоди поврзани со градбите“, соопштија од СДСМ.
Од општина Кисела Вода рекоа дека се отворени за дискусија, но одлуките мора да се темелат на факти и стручни анализи, а не на претпоставки. Оти како што велат, заштита на граѓаните и почитување на законите се приоритет пред сè.
Трагичниот настан се случи на градежен објект, каде еден работник загина, а четворица беа повредени, откако биле затрупани со земја на градилиште.
Борис Грујоски
