Техничката влада е неуставна категорија – став на претседателката Сиљановска Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова даде поддршка за укинување на техничката влада, оценувајќи дека актуелното законско решение е неуставно, потврди дека ќе го потпише указот за измените на Законот за влада со кои се укинува овој модел. Ако техничката влада беше донесена со консензус така треба и да се укине – останува ставот на социјалдемократите...

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова даде поддршка за укинување на техничката влада, оценувајќи дека актуелното законско решение е неуставно, потврди дека ќе го потпише указот за измените на Законот за влада со кои се укинува овој модел.
Шефицата на државата појасни дека македонскиот Устав не познава категорија техничка влада и дека постојните законски одредби биле замислени како привремено решение за 2016 година, кое потоа се продолжило. Се воздржа од коментари за реакциите и условувањата на социјалдемократите, апелираше на дијалог.
Ако техничката влада беше донесена со консензус така треба и да се укине – останува ставот на социјалдемократите. Поради притисоци во правосудството, партизирање на полицијата и немањето информации кој ги следи и складира информациите од „Сејф Сити“, Пржинската влада треба да функционира и натаму, вели Венко Филипче. Дали по излегувањето на нивните претставници од работната група за измени во Изборниот законик ќе преземат и други чекори, партијата ќе одлучува во следниот период.
Власта ретерира за Законот за државјанство бидејќи нивни пратеници и министри од актуелниот состав имаат двојни државјанства, вели Филипче. Според него, разобличен е лажниот патриотизам на власта која сега ќе консултира правни експерти, дали измените се во согласност со уставот и законите.
По однос на ова прашање претседателката смета дека ограничувањето за поседување на само македонско државјанство е правно издржливо и треба да се прошири.
Марина Стојанова – Тонева
