Трагедија

Еден работник загина, а четворица се повредени на градилиште во скопската населба Кисела Вода

24.04.2026 17:01

Сирени на полициски и амбулантни возила утрово ги разбудија жителите на Кисела Вода. Работници биле затрупани со земја на градилиште во општината. Еден загинал, други се повредени. Очевидците велат – глетката беше страшна, со раце и со лопати се откопуваа луѓето сè додека не дојдоа стручните служби...

Еден работник загина, а четворица се повредени на градилиште во скопската населба Кисела Вода. При ископ на темели за зграда, градежниците биле затрупани со десетици кубни метри земја. Најверојатно земјиштето се излизгало.

Глетката била страшна, соседите од околните згради први ги слушнале повиците за помош на работниците. Со лопати, но и со раце се отргнувала земјата од затрупаните.

„Слушнав нешто како да се истури, кога видов земјата се спуштила, а внатре каде е длабоко ископано имаше вработени кои работеа и одеднаш ги снема. Само видов глава од едниот кој силно викаше помош јас во тој момент се стресов, се симнав доле и почнав да викам. Веднаш земаа лопати и откопуваа со лопати бидејќи со механизам не можеше“, вели житека на Кисела Вода.

Повикана била полицијата, пожарникари и брзата помош. Брзо пристигнале на местото, но извлекувањето на работниците траело 40-тина минути. Кај еден од нив и покрај обидите за реанимација, потврдена била смрт.

Од полицијата велат – се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Во 8:17 минути во Секторот за внатрешни работи – Скопје е пријавено дека на градилиште на улица „Козјак“ во Скопје при ископ на темели со земја има затрупани работници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Увид на местото на несреќата изврши јавен обвинител. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот работник. Причините за несреќата и дали се почитувале прописите за работа ќе ги испитува Државниот инспекторат за труд.

Одобрението за градба Општина Кисела Вода го издава пред месец и половина. Сега се копа за поставување на темелите на зградата, која е предвидено да биде на шест ката.

Инвеститор на зградата е поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски, вели дека земјиштето е во сопственост на неговото семејство, а изведувач на објектот е „Компанија Јакимовски“. Според Коневски, запазени се постапките и добиени се сите одобренија за градба.

Андријана Ѓурческа