МВР

Нелегална естетика однесе доктори во притвор

24.04.2026 17:18

Се проширува акцијата за нелегален увоз и дистрибуција на медицински средства користени при естетски зафати. Уапсени се доктори на скопски клиники, сопственици на дерматолошки ординации, организатори на транспорт и продажба на илегално внесени ботокси и филери...

Од нелегално увезени ботокс и филери до естетски интервенции, под истрага мрежа што го загрозувала здравјето на граѓаните, соопштија од обвинителството за организиран криминал. Приведени се 14 лица, меѓу кои и доктори од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ „Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје“, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесени лекови и медицински помагала.

„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од единицата за финансиски криминал при секторот за криминалистички истраги, јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против 19 лица. групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Пред 10 години со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и преостанатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности.

Мерка притвор изречена е за 12 осомничени и во текот на денешниот ден до судијата на претходна постапка ќе биде доставен предлог за нејзино определување. За другите пет осомничени ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство.

Наташа Јанчиќ Менковски