Здравство

100 нови амбулантни возила за здравството – објавена јавната набавка

25.04.2026 10:04

Министерството за здравство распиша јавна набавка за 100 нови амбулантни возила со современа медицинска опрема, инвестиција вредна над 461 милион денари, со цел подобрување на итната медицинска помош низ државата.

Министерството за здравство објави јавна набавка за 100 нови амбулантни возила наменети за јавните здравствени установи низ државата, во вкупна вредност од 461.250.000 денари. Постапката е во тек, а во моментов трае законскиот рок за поднесување понуди.

Според министерот за здравство Азир Алиу, набавката ќе придонесе за значително унапредување на капацитетите на здравствениот систем, особено во делот на одговор при итни состојби. Новите возила ќе бидат опремени со надградена медицинска опрема, што ќе овозможи побрза и поефикасна интервенција и навремен транспорт на пациентите до соодветни здравствени установи.

Планирано е амбулантните возила да бидат распределени низ целата држава, со посебен акцент на подобрување на покриеноста во руралните средини.

Од Министерството посочуваат дека оваа инвестиција е дел од поширок процес на модернизација на итната медицинска помош и јакнење на здравствениот систем, со цел обезбедување побрз и поорганизиран одговор во кризни ситуации.