Македонија

Надлежните ги испитуваат причините за трагедијата во Кисела Вода

25.04.2026 10:48

Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот работник. Причините за несреќата и дали се почитувале прописите за работа ќе ги испитува Државниот инспекторат за труд.

Еден работник загина, а четворица се повредени на градилиште во скопската населба Кисела Вода. При ископ на темели за зграда, биле затрупани со десетици кубни метри земја. Најверојатно земјиштето се излизгало. Соседите од околните згради први ги слушнале повиците за помош на работниците.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот работник. Причините за несреќата и дали се почитувале прописите за работа ќе ги испитува Државниот инспекторат за труд.

Инвеститор на зградата е поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски. Вели дека земјиштето е во сопственост на неговото семејство, а изведувач на објектот е „Компанија Јакимовски“. Тврди дека се запазени постапките и добиени се сите одобренија за градба.

Безбедноста е приоритет и не смее да биде предмет на политика, вели градоначалничката на Кисела Вода, Стаменкоска-Трајкоска. Додаде дека надлежните институции постапуваат и се вршат проверки за утврдување на сите околности поврзани со настанот.

Советниците на СДСМ побараа вонредна седница на Советот, итни мерки и одговорност, по трагедијата во Кисела Вода.

И Синдикатот за градежништво бара темелна истрага, утврдување одговорност и преземање конкретни мерки за трагедијата во Кисела Вода. Од таму посочуваат дека небезбедните услови при работа, ниските плати и прекувремената работа, придонесуваат да има уморни работници кои поради егзистенцијални потреби се принудени да работат во ризик.

Бараме редовни инспекциски контроли и спроведување на стандардите, велат од Синдикатот за градежништво.