Охрид

Засилени контроли во туризмот, можност за воведување туристичка полиција

25.04.2026 14:22

Сивата економија во туризмот останува сериозен проблем во Охрид. Диви туристички водичи, непријавени гости и затајување на туристичка такса и данок. Институциите најавуваат засилени контроли и нови мерки.

Наместо домашни, странски туристички водичи ја искривуваат историјата. Дополнителен предизвик е непријавувањето на туристите, со што се избегнува плаќање туристичка такса и данок на остварени приходи од закуп. Бројот на регистрирани станоиздавачи во Охрид е во пораст, но дел од нив работат во сивата зона.

Надлежните велат, контролите се интензивираат.

„Имаме служба во одделението за инспекциски надзор, туристички инспектори кои излегуваат на терен и вршат контрола над нивното работење. Исто така и полицијата има право на контрола и проверка, но секако останува и на самите станоиздавачи да ги прикажат приходите од туристичка такса“, вели Кифни Усеини, раководител на сектор за туризам.

На државно ниво се разгледуваат и нови решенија за справување со сивата економија во туризмот. Една од можностите е воведување туристичка полиција, која ќе го засили надзорот на терен.

„Предвидено е туристичката инспекција да има поголеми овластувања во делот на инспекцискиот надзор, како што е случајот со инспекцијата при Министерството за култура и туризам. Во однос на туристичка полиција, имаме отворено повеќе прашања и направено анализи“, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Во Охрид се регистрирани вкупно 3.700 приватни станоиздавачи. Во последниот квартал општината од туристичка такса инкасирала 330.000 денари.

Соња Рилковска