Инфраструктура

Николоски: До крајот на годината автопатот Кичево–Охрид целосно готов

25.04.2026 12:28

Инфраструктурата е приоритет број еден, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, најавувајќи финализирање на клучни патни и железнички проекти на Коридор 8 и нови инвестиции вредни милијарди евра.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека до крајот на годинава се очекува целосно завршување на автопатот Кичево–Охрид, при што 37 километри се веќе изградени, а 34 километри се пуштени во употреба.

Тој информира дека во тек е постапка за избор на изведувач, во соработка со Европска банка за обнова и развој, за делницата Букојчани–Кичево, како дел од проектите на Коридор 8. За преостанатиот дел од Струга до граничниот премин Ќафасан, Николоски посочи дека постојат предизвици поврзани со УНЕСКО, но изрази очекување дека во јуни ќе се постигне договор за трасата.

Според него, Владата интензивно работи на повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои реконструкција и проширување на граничниот премин Деве Баир, како и изградба и модернизација на патни делници на истокот од државата. Веќе се пуштени во употреба обиколницата на Крива Паланка и експресниот пат Крива Паланка–Страцин, додека следна фаза е делницата Страцин–Романовце, за која се планира изградба со поддршка од Европската Унија.

Николоски нагласи дека се работи и на автопатските делници од Тетово до Гостивар и од Гостивар до Букојчани, како и на унапредување на патната мрежа долж целиот Коридор 8.

Во железничкиот сектор, министерот информира дека веќе е пуштена во употреба пругата Куманово–Бељаковце, а во тек е изградба на делницата до Крива Паланка. Наскоро се очекува објавување тендер за изградба на третата, најсложена делница кон Бугарија, со што би се овозможило целосно железничко поврзување меѓу двете земји.

Дополнително, се планира и реконструкција на пругата од Скопје до Кичево, како и изградба на обиколница за карго-возови околу Скопје, со цел намалување на загадувањето. Проектите, според Николоски, се дел од поширок инвестициски циклус кој, заедно со брзата пруга на Коридор 10, може да достигне вредност и до пет милијарди евра.