БЛИСКИ ИСТОК

Можна нова рудна преговори меѓу САД и Иран

25.04.2026 12:55

За в понеделник во Исламабад најавена нова рунда преговори меѓу САД и Иран. Американските претставници на пат за Пакистан. Иран тврди-нема директна средба со Американците за крај на војната. Техеран најавува дека предлозите ќе му бидат предадени на посредникот, Пакистан.

Под засилени безбедносни мерки, во Исламабад нов обид за ставање крај на војната на Блискиот Исток. Во главниот град на Пакистан, делегации од Вашингтон и Техеран ќе се обидат да воспостават индиректен дијалог. Шефот на Белата Куќа тврди дека Иран е подготвен да ги исполни барањата на САД.

„Видовме одреден напредок од иранската страна во последните неколку дена. Повторно, претседателот донесе одлука да ги испрати Стив и Џаред да ги сослушаат Иранците. Па ќе видиме што имаат да кажат овој викенд“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

И додека три американски носачи на авиони ја заобиколија Иранската Револуционерна гарда, која поставува мини во водите на Ормускиот теснец, секретарот за одбрана истакна дека се подготвени за секое сценарио. Хегсет ја обвини Европа дека премногу зборува, а не прави доволно за важниот проток.

„Европа и Азија имаа корист од нашата заштита со децении, но времето за слободно возење заврши. Америка и слободниот свет заслужуваат сојузници кои се способни, кои се лојални и кои разбираат дека да се биде сојузник не е еднонасочна улица, туку двонасочна. Ние не сметаме на Европа, но ним им е потребен Ормускиот теснец многу повеќе отколку нам“, рече Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.

Безбедноста на Европската Унија е поврзана со настаните на Блискиот Исток. Брзото враќање на стабилноста во регионот е во интерес на сите, велат од Брисел.

„Настаните од последните седум недели ја покажаа реалната опасност што нуклеарниот Иран би ја претставувал за светот. Не можете да имате стабилност на Блискиот Исток или во Заливот додека Либан е во пламен. Затоа повикуваме на почитување на Либан, суверенитет и територијален интегритет. Привремената пауза не е доволна. Ни треба траен пат кон мир“, нагласи Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

По продолжување на примирјето меѓу Тел Авив и Бејрут, двете страни се обвинуваат за прекршување на прекинот на огнот откако во судири во Јужен Либан беа убиени шест лица, за кои Израел тврди дека биле вооружени милитанти на Хезболах.

Маријана Димовска