Обвинителство

Две лица под истрага за противзаконито влијание во судски постапки

25.04.2026 12:05

Судски полицаец и доставувач од Кривичниот суд во Скопје се осомничени дека примиле пари за наводно посредување за ослободителни пресуди, информира Обвинителството.

Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Како што соопшти Обвинителството, осомничените – судски полицаец и доставувач од Основен кривичен суд Скопје – во периодот од август 2025 до април 2026 година примиле парични средства од сведок, со ветување дека ќе посредуваат за донесување ослободителна пресуда.

Според наводите, сведокот, кој бил осуден на една година затвор со првостепена пресуда, стапил во контакт со доставувачот, а потоа бил упатен кај судскиот полицаец, кој се претставил како лице со влијание во судството. Во текот на 2025 година сведокот предал 500 евра, наменети за наводно влијание врз судија во Апелационен суд Скопје.

Во 2026 година, сведокот дополнително исплатил 30.000 денари, а по потврдувањето на пресудата од Апелација, и уште 30.000 денари за наводно посредување пред Врховен суд на Република Северна Македонија, каде бил поднесен вонреден правен лек.

Судијата на претходна постапка делумно го прифатил предлогот на обвинителството за определување мерки. На судскиот полицаец му е одреден притвор во траење од 30 дена, додека на доставувачот му е изречен куќен притвор. Обвинителството најави жалба на одлуката за поблага мерка за второосомничениот.