ГП Меџитлија

ЕЕС системот ги зголеми гужвите на границите

25.04.2026 17:09

Од 10-ти април, откако официјално започна електронската евиденција за влез и излез кон земјите-членки на Европска унија, на граничните премини се забележуваат подолги задржувања. Денес на граничниот премин „Меџитлија“ колони возила и за влез и за излез од државава.

Две недели по стартот на новиот систем за влез и излез од земјите во Европска унија, состојбата на терен покажува зголемена фреквенцијата и подолги задржувања од вообичаените. На граничниот премин „Меџитлија“ се чека и за влез, но подолги се колоните за излез од државава. Граѓаните реагираат на новиот систем, велат покрај првата регистрација во системот, дел од процедурата се повторува и секое наредно поминување.

Притисокот од новиот систем се чувствува уште пред почетокот на летната сезона. Дополнителен предизвик е и фактот што покрај македонските патници, огромен е број и на странски државјани, кои транзитираат низ земјава. Од Туристичката комора на Македонија велат-според одредени сценарија, доколку не се направат отстапки, за влез и излез од Грција би се чекало и повеќе од 10 часа.

За да се избегнат долгите чекања, Сојузот на стопански комори на Македонија, поднесе официјално барање до Грција, за привремено одложување на примената на новиот систем, на граничните премини за македонските државјани во период од 1 јуни до 1 септември.

Од МВР потврдуваат за двојно поголемата фреквенција на странски државјани, во однос на македонски.

„На граничниот премин Меџитлија од 10.04.2026 од 12:00 часот до 24.04.2026 до 12:00 часот влез во државата оствариле 7.920 македонски државјани, а излез оствариле 7.482 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 15.946 а ја напуштиле нашата држава 15.580 лица“, велат од МВР.

Република Грција ги ослободи државјаните на Велика Британија од биометриска контрола за влез и излез во земјата. Вакво барање покрај Македонија има поднесено и соседна Србија.

Александра Максимовска