Кривичен суд

Притвор за шверц на ботокси и филери

25.04.2026 17:36

Приведените лекари на Клиниката за дерматологија и во „8 Септември“, но и сопственици на дерматолошки ординации, организатори на нелегалните лекови и на ботокс, на распит кај судија на претходна постапка.

Шестмина во ефективен притвор, четворица во куќен, по големата полициска акција за лажни ботокси и филери. За останатите девет одредена е мерка на претпазливост.

Кривичниот суд ги донесе конечните одлуки за мерките за обезбедување присуство на 19 осомничените лица, меѓу кои се лекари вработени во јавни здравствени установи и сопственици на приватни ординации.

„Од доставените 11 предлози за определување на мерка притвор, Обвинителството по сослушувањето на осомничените, за 2 лица го преиначи предлогот во мерка куќен притвор, од кои судот едниот го прифати, а за другиот определи мерки на претпазливост. Од останатите 9 предлози за притвор, судот уважи 6, а одби 3, и на овие тројца осомничени им определи мерка куќен притвор“, велат од Основниот кривичен суд-Скопје.

Станува збор за организирана мрежа која е под истрага поради сомнение дека шверцувала нерегистрирани медицински препарати, кои потоа биле користени при естетски интервенции врз пациенти во земјава.

Истрагата покажала дека препаратите биле внесувани без соодветна регистрација, и контрола од надлежните институции. Во нелегалниот синџир бил вклучен и царински службеник, кој се сомничи дека примал мито за да овозможи непречен влез на препаратите во државата.

При акцијата биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Битола и Струмица. Пронајдени и одземени се поголеми количества медицински лекови и помагала, меѓу кои филери, ботокс и хијалурон, како и поголема сума на парични средства.

Марина Стојанова-Тонева