Земјоделство

Мал интерес кај младите за земјоделството

26.04.2026 14:10

Сè повеќе млади својата иднина ја гледаат во странство. Особено во руралните средини не сакаат да работат земјоделие. Сепак, за некои тоа значи и продолжување на семејниот бизнис. Регистрираните земјоделци очекуваат поголема поддршка од државата.

Детето ми замина во странство, а и другото го спрема куферот. Не сакаат да работат земја. Имаме шест хектари под овошни насади, ама климатските промени собираат голем данок, објаснува бистричанката Николина, чие семејство живее само од земјоделие.

Своето искуство во земјоделието ни го сподели и Никола, најмладиот регистриран земјоделец од овој крај. Ланските пролетни мразови им скратија деведесет проценти од родот. Велат дека неколку години не се обесштетени, а јаболката од битолскиот регион воопшто не се спомнати како род и квалитет од ресорното министерство.

Очекуваат неправдата да се исправи и поголема поддршка да добиваат регистрираните земјоделци.

Ружица Аџикотарева-Ѓоршевска