Потребна е поддршка за извоз на медот
Пчеларството во државата е во подем. За десет години четирикратно е зголемен бројот на пчелни семејства. Пчеларите бараат поддршка за извоз на македонскиот мед и повеќе контроли на квалитетот на медот кој се пласира на пазарот.

Во последните години во Македонија се забележува зголемен интерес за пчеларството. За 10 години бројот на пчелни семејства пораснал четирикратно. Според последните податоци регистрирани се околу 306 илјади пчелни семејства. Дел од причините се релативно ниските почетни вложувања, субвенциите и програмите за рурален развој.
Производството на мед е на удар на климатските промени, на недостигот на медоносни култури на македонските полиња, но и на присуството на вештачки мед на пазарот.
Македонскиот мед има квалитет да биде бренд со географско потекло и да се пласира на странските пазари, но пречка е тоа што државата сè уште нема целосно усогласен систем на контрола на медот и доволно лаборатории акредитирани по европските стандарди.
Југозападниот, полошкиот и северно источниот регион бележат најголем подем на пчеларството. Оваа земјоделска гранка е најмалку развиена во скопскиот регион.
Славица Величковска
